САД ги преместуваат активностите на својата амбасада од Киев во градот Лавов, кој се наоѓа во западна Украина, поради загриженоста за безбедноста на персоналот, изјави денеска американскиот државен секретар Антони Блинкен.
„Мојот тим и јас постојано ја проверуваме безбедносната ситуација за да утврдиме кога претпазливоста диктира промена на ставот“, рече Блинкен.
„Имајќи го ова на ум, ние сме во процес на привремено преместување на операциите на нашата амбасада во Украина од нашата амбасада во Киев во Лавов поради драматичното забрзување на акумулацијата на руските сили“, рече Блинкен.
На повеќето вработени веќе им е наредено да ја напуштат Украина, додека на американските граѓани им е препорачано да ја напуштат земјата.
Овој потег доаѓа во момент кога американските власти предупредуваат дека Москва во секое време би можела да изврши напад врз Украина, вклучително и врз Киев.
Русија собра околу 100.000 војници во близина на украинската граница, а според непотврдени информации, уште 30.000 се ангажирани во воените вежби во Белорусија кои почнаа пред неколку дена. Русија негира дека планира инвазија на Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден исто така ги повика Американците да ја напуштат Украина.
Блинкен рече дека амбасадата ќе остане во соработка со украинската влада „координирајќи го дипломатскиот ангажман во Украина.
Тој додаде дека исто така ќе ги продолжат нивните „интензивни дипломатски напори за деескалација на кризата.“
Во Лавов, град на околу 70 километри од полската граница, веќе е формирано мало конзуларно присуство.