Ослободени активистките во Авганистан кои исчезнаа пред неколку недели

Авганистан - Талибанците ја ослободија Парвана Ибрахимхил, една од жените граѓански активистки која беше уапсена пред три недели.

Четири женски активистки во Авганистан, кои исчезнаа пред неколку недели, се ослободени од страна на де факто талибанските власти во земјата, соопштија Обединетите нации.

Четирите жени - Тамана Зарјаби Паријани, Парвана Ибрахимкел, Захра Мохамади и Мурсал Ајар, исчезнаа откако присуствуваа на анти-талибански митинг во Кабул. Талибанците негираа дека ги привеле.

„По долг период на неизвесност за нивната локација и безбедност, четирите „исчезнати“ авганистански активистки, како и нивните роднини кои исто така исчезнаа, беа ослободени од страна на де факто властите“, соопшти на Твитер Мисијата за помош на Обединетите нации во Авганистан (УНАМА).

Не беше веднаш јасно каде биле жените или на што биле подложени. Ибрахимкел и Паријани се исчезнати од 19 јануари. Мохамади и Ајар исчезнаа на почетокот на февруари.

Непосредно пред нејзиното исчезнување, Паријани објави видео на социјалните мрежи во кое предупреди дека талибанската милиција е на нејзината врата.

Откако ја презедоа власта во Авганистан во август, талибанците ги растеруваат учесниците на митинзите кои повикуваа да се почитуваат правата на жените, а ги приведуваа критичарите и новинарите.