Синот на лидерот на Туркменистан номиниран за претседател на земјата

Заменик-премиерот на Туркменистан Сердар Бердимухамедов е номиниран за претседателски кандидат.

Заменик-премиерот на Туркменистан Сердар Бердимухамедов е номиниран за претседателски кандидат.

Синот на туркменскиот лидер Гурбангули Бердимухамедов е номиниран за кандидат на предвремените претседателски избори, објавија денеска државните медиуми.

„На вонредниот конгрес на Демократската партија на Туркменистан што се одржа во Ашхабат, за претседател беше номиниран вицепремиерот Сердар Бердимухамедов“, рече спикерот на државната телевизија.

Номинацијата следуваше неколку часа откако Централната изборна комисија ја започна првата фаза од кампањата за предвремените претседателски избори.

Три дена претходно, долгогодишниот 64-годишен авторитарен лидер Гурбангули Бердимухамедов, на вонреден состанок на горниот дом на парламентот рече дека има намера да се повлече за да ја предаде власта на „младите лидери“.

Одлуката за номинацијата на 40-годишниот Сердар Бердимухамедов беше донесена на конгресот на владејачката Демократска партија на Туркменистан на 14 февруари, откако официјалните изборни претставници најавија отворање на процесот за номинирање на кандидатите. Кандидатите ги предлагаат три регистрирани политички партии.

Другите две партии, во високо изолираната земја богата со енергенси, се Аграрната партија на Туркменистан и Партијата на индустријалци и претприемачи на Туркменистан. Тие се лојални на владејачката партија.

Веќе една година се шират гласини дека Бердимухамедов ќе се обиде да му ја пренесе власта на синот Сердар, кој во септември наполни 40 години со што ќе ја достигне законската возраст за да стане претседател.

Сердар Бердимухамедов минатата година се појави на туркменската политичка сцена, откако беше назначен за вицепремиер, што е една од неколкуте официјални функции што сега ги има. Тој е и член на Советот за државна безбедност.

Доколку го наследи својот татко, Сердар Бердимухамедов ќе преземе една од најсиромашните нации во Евроазија, и покрај нејзините огромни енергетски ресурси, вклучувајќи го и природниот гас.