За еден месец синдикалната кошничка поскапа за 770 денари

Супермаркет во Скопје.

За еден месец минималната синдикална кошничка е зголемена за 770 денари, покажува пресметката на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Според нивните пресметки кошничката за јануари годинава изнесува 35.811 денари, а таа во декември била 35.042.

Во Синдикалната кошничка најголемо учество од над 15 илјади денари или 42,77 отсто имаат исхраната и пијалаците, потоа со над 11 илјади денари учествува домувањето, хигиената е застапена со околу 2400 денари, потоа превозот со околу 2.600 денари, за облека и обувки следат по околу 2200 денари итн.
Овие бројки според ССМ покажуваат дека е оправдано нивното барање за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и скалесто на сите останати плати.

„Најголем пораст на индексите на трошоците на животот е забележан кај централното греење за домаќинствата за 14 отсто, електричната енергија за домаќинствата за 9,4 отсто,… Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот во јануари 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај кафето, чајот, какаото за 4.3 отсто, рибата за 3,5, свежото и разладеното овошје за 3,4, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 2,5 отсто“, велат од ССМ.

Синдикалната кошничка ги определува минималните трошоци за живот на едно четиричлено семејство на месечно ниво.