Судењето на Навални е незаконско и срамно, обвинува неговата сопруга

Сопругата на Навални, Јулија Навалнаја.

Сопругата на затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални побара од властите да и дозволат да биде присутна на судење на нејзиниот сопруг во казнената колонија каде што е затворен. Таа вели дека неговото судење е „незаконското и срамно“.

Јулија Навалнаја во објава на Инстаграм денеска ги критикуваше руските власти дека се плашат да го судат во Москва, оти случајот против него е, како што вели, патетичен.

„Ова е незаконско и срамно лажно судење и начинот на кој е организиран докажува дека мојот сопруг е чесен човек. И го држат во затвор затоа што тој не се плаши од овие власти“, напиша Навалнаја, додавајќи дека судењето било намерно планирано за да ја прекине планираната квартална посета што и е дозволена со нејзиниот сопруг.

Минатата недела, московскиот окружен суд Лефортово соопшти дека утре судии ќе отпатуваат во Поправната колонија број два во Владимирската област за да му се суди на Навални. На Навални ќе му се суди за проневера од неговата, сега веќе затворена и забранета, Антикорупциска фондација и за непочитување на московскиот суд.

Адвокатката на Навални, Олга Михајлова, рече дека нејзиниот клиент може да се соочи со казна затвор до 10 години доколку биде прогласен за виновен, додавајќи дека одлуката да му се суди на Навални во казнената колонија „сериозно ќе влијае“ на неговото право да се брани на суд.

Навални е обвинет дека присвоил повеќе од 4,7 милиони долари од донации кои биле дадени на неговите организации за негова лична употреба. Тој, исто така, се соочува со затворска казна до шест месеци за непочитување на судското обвинение поднесено за време на едно од неговите рочишта минатата година.

Навални ги отфрли обвиненијата, нарекувајќи ги политички мотивирани.

Опозицискиот политичар беше уапсен во јануари минатата година, по враќањето од Германија каде се опоравуваше од нападот со нервен гас, што за малку ќе го усмртеше. Навални за нападот ги обвинува руските власти. Кремљ негираше каква било улога во труењето.

Потоа Навални беше осуден на 2 и пол години затвор за кршење на условите од претходно судење на кое бил условно ослободен.