Шолц очекува итни знаци на деескалација од Москва

Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц пристигна во Киев каде ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Неговата посета, првин на Украина, а утре и на Русија, доаѓа во услови на постојани дипломатски напори за деескалација на кризата поттикната од стравувањата од можна руска инвазија на Украина. Шолц во Москва треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

„Итно очекуваме знаци на деескалација од Москва“, напиша Шолц на Твитер пред неговото патување, додавајќи дека воената акција ќе има „многу сериозни последици“ за Русија.

„Сведоци сме на многу, многу сериозна закана за мирот во Европа“, напиша Шолц.

Шолц на 13 февруари рече дека членките на НАТО и Европската унија веќе внимателно подготвиле остри санкции кои може итно да ги стават на сила, во случај на упад во Украина.

Соединетите Американски Држави на 13 февруари соопштија дека проценуваат дека има околу 130 илјади војници распоредени во близина на границата со Украина.

Украинските власти вчера побараа состанок со Москва и со членките на ОБСЕ, за да разговараат за засилувањето на руското военото присуство на границата со Украина во рамки на Виенскиот документ од 2011(ВД11).

Русија тврди дека не врши никакви невообичаени воени активности на нејзина територија, па затоа барањето за ВД11 е „неприфатливо“, се наведува во руското соопштение на украинското барање. РСЕ имаше увид во копија од соопштението на Русија.

Многу земји ги повикаа своите државјани да ја напуштат Украина.

Членките на Групата седум најразвиени земји (Г7) соопштија дека групата е подготвена колективно да воведе економски и финансиски санкции кон Москва кои ќе имаат „огромни и непосредни“ последици врз руската економија, доколку Кремљ нареди какви било агресивни потези кон Украина.