Г7 - Ако Русија ја нападне Украина ќе има огромни и непосредни последици

Архивска фотографија - Состанок на Г‘

Групата седум најразвиени (Г7) соопшти дека е подготвена колективно да воведе економски и финансиски санкции кон Москва кои ќе имаат „огромни и непосредни“ последици врз руската економија, доколку Кремљ нареди какви било агресивни потези кон Украина. Во Г7 членуваат САД, Канада, Германија, Јапонија, Франција и Обединетото Кралство.

Во заедничката изјава објавена денеска министрите за финансии од Г7 наведуваат дека тоа што Русија го засилува присуството на војници на границата со Украина е причина за голема загриженост.

„Ние, министрите за финансии на Г7, ја нагласуваме нашата подготвеност да дејствуваме брзо и одлучно за да ја поддржиме украинската економија“, напишаа тие во заедничката изјава.

Во соопштението наведуваат дека „секоја натамошна воена агресија на Русија против Украина ќе биде дочекана со брз, координиран и силен одговор“.

Соединетите Американски Држави на 13 февруари соопштија дека проценуваат дека има околу 130 илјади војници распоредени во близина на границата со Украина.

Москва отфрла дека тоа што распоредува војници на границата е подготовка за инвазија на Украина, но во исто време побара од Западот да се согласи со неколку безбедносни гаранции, вклучително и дека на Украина и на другите поранешни советски земји никогаш нема да им биде дозволено да се приклучат на НАТО.