Праведни институции, дефинирање на статусот самохраност, финансиска поддршка како и бесплатна партиципација во високото образование за децата на самохраните родители, се само дел од барањата на самохраните родители кои денеска под мотото „Темата за самохраните родители не смее да биде табу тема“, излегоа на улиците на Скопје за да го изразат своето незадоволство од државните институции.
Маршот кој започна од Жена парк заврши пред Министерството за труд и социјална политика од каде дел од учесниците ги истакнаа проблемите со кои се соочуваат секојдневно.
„Секојдневно сме сведоци на барем една тажна животна приказна, на барем еден апел за помош на една тешка судбина, и додека го читам ова сите имаме кнедла во грлото затоа што барем еднаш во животот секоја една од нас се има најдено во иста или слична ситуација, и сите добро знаеме како и е на таа мајка која очајно моли за помош“, порачаа од пред МТСШ.
Велат дека маршот е резултат на долгогодишното молчење од страна на државните институции.
Маршот се одржа во организација на невладината организација „Една може!“.