Унгарскиот десничарски националистички премиер Виктор Орбан навести можност неговата земја да ја напушти ЕУ. Ова е прво негово споменување на таква можност, објави германската новинска агенција ДПА.
Во годишното обраќање, кое годинава се совпадна со почетокот на кампањата за парламентарните избори на 3 април, Орбан рече дека ЕУ води „света војна, џихад“ под слоганот владеење на правото.
Во исто време, Орбан пред своите поддржувачи во Будимпешта вчера рече дека ЕУ треба да покаже „толеранција“ кон Унгарија. Во спротивно, рече тој, нема да може да се продолжи по заедничкиот пат.
Унгарската влада негира дека Орбан навестил такво нешто, откако германската новинска агенција ДПА објави дека Орбан навестил можен излез од ЕУ.
Портпаролот на Орбан Золтан Ковач на Твитер објави дека германската новинска агенција „се збунила“.
„Премиерот Орбан не даде никаква назнака за напуштање на ЕУ“, напиша Ковач.
„Напротив, тој рече: Ние од наша страна сакаме да ја одржиме ЕУ заедно... ЕУ има иднина само ако останеме заедно“, напиша Ковач.
Текстот на ДПА од говорот на Орбан на 12 февруари беше насловен „Орбан навести можност Унгарија да ја напушти ЕУ“.
Орбан во минатото постојано ги напаѓаше, како што ги нарекува „бирократите во Брисел“, но никогаш не се заканил дека ќе излезе од Унијата.
За само неколку дена Европскиот суд на правдата со седиште во Луксембург треба да донесе пресуда за новиот механизам кој ќе ја поврзе распределбата на средства од ЕУ со почитување на владеењето на правото во земјите членки.
Унгарија и Полска поднесоа жалба против механизмот усвоен во декември 2020 година, кој може да им ги укине средствата од заедничкиот буџет на ЕУ на државите кои го прекршуваат владеењето на правото. Судот треба да донесе пресуда на 16 февруари.
Телата на ЕУ и организациите за човекови права го обвинуваат Орбан, кој владее со Унгарија од 2010 година, за напад врз демократијата и владеењето на правото.
Орбан реагираше на обвинувањата дека „за нив владеењето на правото е средство со кое сакаат да не замесат во нешто што личи на нив“.
Сепак, Орбан рече дека Унгарија сака да ја задржи ЕУ заедно „и покрај растечкото културно отуѓување“. Затоа Будимпешта во неколку наврати упати „понуди за толеранција“ до Брисел, рече тој.
„Нема друго решение, само толеранција. Само така може да најдеме заеднички пат“, рече тој.
Околу 80 отсто од Унгарците го поддржуваат членството на нивната земја во ЕУ.
Орбан за првпат се соочува со обединета опозиција на претстојните избори, а анкетите предвидуваат тесна трка.