Засега нема одлука да се затвори македонската амбасада во Киев, рече денеска министерот Бујар Османи на брифинг со новинарите. Тој вели дека во Украина има четири категории наши државјани. Во првата се амбасадорот и уште еден дипломат и нивните семејства, но бидејќи тие се суштествен персонал засега остануваат таму и амбасадата нема да се затвори, рече Османи. Дипломатите во Украина ќе останат додека не се донесе поинаква одлука, а нивните семејства ќе се вратат во Скопје на почетокот од нареднава седмица.
МНР е во договор со Бугарија и доколку се појави потреба за повлекување на двајцата дипломати, има целосно утврден аранжман како тоа ќе се организира, рече министерот.
Втората категорија граѓани се околу 30 набљудувачи од земјава во рамки на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ. Засега е одлучено и тие да останат во Украина.
„Набљудувачката мисија на ОБСЕ е важна за следење на настаните во Украина и затоа засега сè уште немаме одлука да ги повлечеме нашите набљудувачи, но сме во блиска координација со другите земји учеснички, со Секретаријатот на ОБСЕ во Виена и ќе одлучиме кога ќе процениме. Засега само САД имаат одлука да ги повлечат своите набљудувачи во рамки на оваа мисија на ОБСЕ, но не и други земји“, рече Османи.
Во третата категорија се околу 40 наши државјани кои од различни причини се наоѓаат во Украина и 30-ина членови на нивните семејства, со тоа што членовите на семејствата повеќето се украински државјани.
Османи го повтори апелот македонските државјани да ја искористат можноста за комерцијални летови за да ја напуштат државата и да се вратат во земјава.
Тој вели дека се во блиска комуникација со сојузниците за мерките што ги преземаат за Украина, додавајќи дека МНР продолжува одблиску да ја следи состојбата и дека НАТО бара дипломатско решение за да се спречи деескалација на тензиите.