Блинкен му рекол на Лавров дека дипломатскиот пат е отворен, но Русија треба да ги намали тензиите

Шефовите на дипломатиите на САД и на Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска му рекол на неговиот руски колега Сергеј Лавров дека дипломатскиот пат за решавање на кризата околу Украина останува отворен, но тоа подразбира Москва да ги намали тензиите и да се вклучи во разговор со добра волја, соопшти Стејт департментот.

Во соопштението се наведува дека Блинкен „повторил дека доколку Москва го следи патот на агресијата и дополнително ја нападне Украина, тоа ќе резултира со решителен, масовен и обединет трансатлантски одговор“.

За време на телефонскиот разговор, Лавров ги обвинил САД дека водат „пропагандна кампања“ за можна руска агресија, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Лавров исто така рекол дека Вашингтон и Брисел ги игнорираат клучните руски безбедносни барања.

Русија распореди повеќе од 100 илјади војници и воена опрема во близина на границата со Украина, а САД вчера предупредија дека Русија во секој момент може да ја нападне соседната земја.

Москва ги негира обвинувањата дека планира инвазија.

Телефонскиот разговор меѓу Блинкен и Лавров доаѓа во пресрет на телефонскиот разговор меѓу претседателите Џо Бајден и Владимир Путин, во услови на зголемено стравување од руска инвазија врз Украина.

Пред да разговара со Бајден, Путин треба да има телефонски разговор и со францускиот претседател Емануел Макрон, со кого се сретна претходно оваа недела во Москва во обид да најдат решение за кризата.