Соединетите Држави се подготвени да ја евакуираат својата амбасада во Киев, откако претставниците на американското разузнавањето предупредија дека руската инвазија на Украина е сè понеизбежна, пишува Асошиејтед прес (АП).
АП, повикувајќи се на неименуван американски функционер, јавува дека од целиот американски персонал во амбасадата во Киев ќе се бара да замине поради стравувањата од руска инвазија.
Функционерите, кои сакаат да останат анонимни, бидејќи не се овластени јавно да разговараат за ова прашање, рекоа дека мал број на американски дипломати може да бидат преместени на крајниот запад на Украина, во близина на границата со Полска, која е сојузник на НАТО, па така САД би можеле да задржат дипломатско присуство во земјата.
Стејт департментот не сакаше да коментира за ова прашање.
Русија, пак, денеска соопшти дека повлекла дел од дипломатскиот персонал од Украина поради страв од наводни „провокации“ од Киев или од друга страна во услови на стравување од можна руска воена инвазија врз Украина.
„Стравувајќи од можни провокации од режимот во Киев или од други земји, ние навистина одлучивме да го оптимизираме персоналот во руските мисии во Украина“, изјави портпаролката на руското МНР Марија Захарова, одговарајќи на прашања на медиумите.
Русија распореди 100 илјади војници во близина на границата со Украина, но вели дека тоа не е подготовка за напад врз соседната земја.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан вчера рече дека Русија може да ја нападне Украина во секој момент.
САД, Велика Британија, Австралија, Јапонија и други земји ги повикаа своите граѓани итно да ја напуштат Украина.
На 24 јануари, американскиот Стејт департментот им нареди на семејствата на дипломатите кои работат во амбасадата во Киев, да ја напуштат Украина поради заканата од воена акција од Русија. Но, беше оставено на дискреционо право на несуштинскиот персонал доколку сака да замине.