Црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ, кој се споменува како најсериозен кандидат за мандатар за состав на новата влада, изјави дека без проблеми би го потпишал Темелниот договор со Српската православна црква (СПЦ) доколку е во согласност со Уставот.
За подгоричката телевизија „Адриа“, Абазовиќ изјави дека има драматизирање околу Темелниот договор и дека за тоа разговарал со патријархот на СПЦ, Порфириј, но дека овој акт мора да биде во согласност со Уставот и дека сè треба да се направи во согласност со процедурите.
Тој додаде дека сè уште не е комплетиран персоналниот состав на новата влада и додаде дека е задоволен од прелиминарните разговори што ги имал со партиските претставници.
„Би сакал Црна Гора да ја добие 43. влада и таа влада да придонесе за намалување на поларизацијата во општеството и да се движиме посилно кон европската интеграција. Мислам дека сме многу блиску до тоа да направиме еден голем политички ресет во еден период, па нека тоа биде и една година, што ќе донесе многу бенефити за нашата земја“, рече Абазовиќ.
Тој ги отфрли оценките за „бркање“ на Србите од власта, нагласувајќи дека не се бори за народи, туку за луѓе и дека секој ќе може да биде дел од тимот без никакви резерви, само за да ги исполни критериумите за да се направи некоја работа. Абазовиќ вели дека мора да се врати граѓанскиот имиџ и мисли дека тоа ѝ недостигаше на претходната власт.
„Мора да го вратиме имиџот на европската влада и секуларната влада, но мора да ги почитуваме и сите верски заедници. Би сакал таа некоја идна влада тоа да го преслика“, изјави Абазовиќ.
На 4 февруари ѝ беше изгласана недоверба на Владата на Здравко Кривокапиќ, со што почна процес на преговарање за формирање на нова Влада.