Макрон одбил руски ковид тест, па седел на дистанца од Путин

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот француски колега Емануел Макрон седнати на голема маса долга 6 метри во Кремљ

Русија тврди дека францускиот претседател Емануел Макрон бил принуден да седне на спротивниот крај на долгата маса за неговите разговори на почетокот на неделата со неговиот руски колега Владимир Путин поради неговото одбивање да направи тест за ковид -19 спроведен од Кремљ.

Макрон беше во Москва на 7 февруари поради напорите на Западот за деескалација на тензиите поради стравувањата дека Русија планира инвазија на Украина во услови на масовно зголемување на нејзините војници на границите на Украина.

Големата маса предизвика потсмев на социјалните мрежи интернет откако три дена подоцна Путин седна на мала маса со казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев кој се смета за близок сојузник на Кремљ.

Средба на Путин со Токаев на 10 февруари 2022 година

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 11 февруари им изјави на новинарите дека одлуката да се стави Макрон на огромна маса е донесена откако францускиот лидер одбил да направи тест за коронавирус направен од медицинските лица на Кремљ.

Останатите функционери кои ја посетија Москва деновиве вклучително и унгарскиот премиер Виктор Орбан и иранскиот претседател Ебрахим Раиси, исто така, беа сместени на дистанца од Путин поради ковид протоколите.
„Разговорите со некои лидери се водат на долга маса, каде што растојанието (преку масата) е околу шест метри. Причина зтоа е што дел од нив ги следат нивните сопствени правила и тие не соработуваат со страната домаќин“, изјави Песков.

Во такви случаи, како што вели тој, Кремљ мора да преземе „дополнителен санитарен протокол за заштита на здравјето на нашиот претседател и неговите гости“.

Песков истакна одлуката за тоа кој ќе биде подложен на долгата маса не е политичка.

„Тука нема политика и тоа на никаков начин не ги попречува преговорите“, рече Песков.

Францускиот функционер, цитиран од новинската агенција АФП и кој побарал да остане анонимен, потврди дека проблемот настанал поради условите на PCR тестот што ги бара руската страна.

Ваквиот настан предизвика голем потсмев на социјалните мрежи каде се шират сатирични фотографии познати како „меме“.