Столтенберг предупреди на „ризик“ од вооружен конфликт во Европа

Романија- Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и романскиот претседател, Клаус Јоханис

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупреди на „ризик од вооружен конфликт во Европа“ за време на посетата на Романија, каде што Соединетите Американски Држави ќе распоредат 1.000 војници за да го зајакнат источното крило на алијансата, во услови на зголемени тензии меѓу Русија и Украина.

Столтенберг ја даде оваа изјава за време на посетата на воздухопловната база Михаил Когалничеану во близина на Црното Море, каде присутен беше и романскиот претседател Клаус Јоханис.

„Не сме сигурни што ќе се случи. Затоа ја повикуваме Русија на деескалација. Затоа сме будни и подготвени, затоа присуството на трупите на НАТО во Романија е толку важно“, изјави Столтенберг пред новинарите.

Неговата посета се случува истиот ден кога првите американски воени конвои со оклопни возила влегоа во романската база, откако пропатуваа низ земјата. Ова е дел од потегот на САД за преместување на 1.000 американски војници од Вилсек, Германија, кон Романија, бидејќи американските власти стравуваат дека Русија наскоро ќе ја нападне Украина.

Трупи на НАТО се распоредени и во Полска.

Американски официјални лица велат дека Русија го зголемила бројот на свои војници на 110 000 и дека е на пат да собере доволно голема сила, односно околу 150 000 војници, за целосна инвазија до средината на месецот.

Москва пак тврди дека нема планови да ја нападне Украина, но продолжува да прави провокативни воени потези, истовремено барајќи гаранции од Западот дека НАТО нема да ја прими Украина и другите поранешни советски земји како членки и дека ќе го запре распоредувањето на оружје таму. И Вашингтон и НАТО ги отфрлија ваквите руски барања.