Кремљ објави дека „нема резултати“ по разговорите за Украина

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ објави дека „нема резултати“ по состанокот на преговарачите од Русија, Украина, Германија и Франција во напорите за решавање на кризата околу Украина, пренесе АФП.

Дипломатите се состанаа во четвртокот во Берлин поради постојаните стравувања дека Русија планира инвазија на соседна Украина.

„Сите бевме сведоци како вчерашната средба на политичките советници заврши без никакви резултати“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој рече дека некои дипломати „имаат проблеми со читањето на многу краток и исклучително јасен“ текст на мировниот договор меѓу Киев и Москва од 2015 година за сепаратистичкиот конфликт.

„За жал, украинската страна прави се за да не ги исполни своите обврски“, додаде Песков.

Таканаречениот нормандиски формат меѓу Русија, Украина, Германија и Франција започна во 2014 година во обид да се стави крај на борбите меѓу Украина и сепаратистите поддржани од Русија на исток.

Средбата во четвртокот, која траеше повеќе од девет часа, се одржа во услови на засилени напори на европската дипломатија за смирување на кризата околу Украина.

Западните лидери алармираат поради можна руска инвазија на Украина, откако Москва натрупа повеќе од 100.000 војници на границата со својот поранешен советски сосед. Русија негира дека има намера да ја нападне Украина.