Северна Македонија и Соединетите Американски Држави имаат одбранбена соработка што може да послужи за пример како соработуваат две сојузнички земји, но и земји кои се стратешки партнери. Соработката која се реализира повеќе од 25 години ни помогна да ги исполниме стандардите на Алијансата, истакнала министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со амбасадорката на САД во нашата земја, Кејт Брнз.
„Северна Македонија и САД низ годините имаше исклучително продуктивна соработка, особено во доменот на заедничките обуки и вежби, а последните години се карактеризираат и со неколку посети на највисоко ниво. Во моментов припадниците на нашата НАТО единица, Лесната пешадиска баталјонска група во Штип се обучуваат заедно со припадниците на 4. бригада за поддршка на САД, додека припадниците на специјалните сили извежбуваат со американски маринци,“ стои во соопштението од МО.
Петровска изразила благодарност за американската поддршка за развој на нашиот најголем капацитет за обука и извежбување, армискиот полигон „Криволак“ каде македонски и американски единици работеа на развој на интерната инфраструктура и содржините за извежбување, а беше изградена и полетно-слетна патека за беспилотни летала.
Како што соопштија од МО, на овој полигон оваа пролет ќе се одржи најголемата воена вежба која досега се реализира на „Криволак“, вежбата „Swift Response 22“, што ја организираат Американските сили во Европа, а учество покрај САД и Северна Македонија ќе земат и Обединетото Кралство, Италија, Франција, Албанија и Црна Гора.
Петровска и Брнз се осврнале и на ситуацијата во Украина, при што ја истакнале важноста на единството со кое НАТО сојузниците пристапуваат кон прашањето, вложувајќи напори за дипломатското решавање на спорот. Изразиле и поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.