Меѓународниот фактор во Албанија го поздрави гласањето во законодавниот дом за продолжување на мандатот на комисиите за ветинг. Амбасадорот на ЕУ, Луиџи Сореца оцени дека со тоа бил даден глас за иднината на Албанија во Европската унија.
„Честитки до пратениците на политичките сили кои гласаа за продолжување на ветингот, клучен историски момент кон завршување на реформите во правосудството. Ова беше глас за иднината на Албанија во ЕУ. Важно е телата за проверка да продолжат со својата работа, со највисок професионализам и интегритет, за да се обезбеди успешно и брзо финализирање на процесот“, наведува Сореца.
И Мисијата на ОБСЕ во Албанија ја поздрави меѓупартиската одлука на Собранието за продолжување на мандатот на институциите за проверка.
„Ова гласање го признава фактот дека Уставот им припаѓа на сите албански граѓани и го поздравуваме приближувањето меѓу опозицијата и мнозинството. Завршувањето на реформите во правосудството е од клучно значење. Подеднакво е важно сите политички сили да продолжат по патот на реформите во овој дух на заемно почитување за доброто на националниот интерес,“ стои во соопштението на мисијата на ОБСЕ.
И Соединетите Држави го поздравија продолжувањето на мандатот на телата за ветинг оценувајќи го како „важен чекор кон силна правда“.
„САД го поздравуваат гласањето во Парламентот за продолжување на мандатот за ветинг. Ова е важен чекор напред за сите Албанци кон посилен, покредибилен правосуден систем и кон европска интеграција. Секогаш ќе го поддржуваме овој важен пат,“ стои во објавата на амбасадата на САД во Тирана.
Изгласувањето на уставните измени за продолжување на мандатот на телата за ветинг го поздравија и амбасадите на Германија и на Велика Британија.
Албанскиот Парламент по маратонска седница, преполна со меѓусебни обвинувања власт-опозиција и меѓу опозицијата, доцна синоќа, со 118 гласа „за“, ниту еден против и 4 воздржани, ги изгласа уставните измени за продолжување на мандатите на комисиите за ветинг, за уште 30 месеци.