Недостатоци и опасности
МАКЕДОНИЈА - Македонија е во групата на демократии со недостатоци на Индексот на демократијата 2021, на Истражувачката група на Економист, со што напредна пет места во однос на минатата година кога беше оценета како хибриден режим. Земјава годинава е рангирана на 73 позиција, со вкупна оценка од 6.03.
ЈАПОНИЈА - Јапонија даде одобрение за антиковид лекот на компанијата Фајзер Паксловид, соопшти денеска министерот за здравство Шингејуки Гот, во време кога оваа земја се бори да го забави ширењето на инфекции поттикнати од омикрон.
САД - Инфлацијата во Соединетите Држави расте се побрзо, достигнувајќи 7,5 отсто на годишно ниво во јануари, што е највисок раст од февруари 1982 година, со што се поништува ефектот на зголемувањето на платите и се зацврстува одлуката на Федералните резерви за зголемување на каматните стапки, пренесува АП.
БИХ - Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ) и лидер на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), изјави дека вооружените сили на БиХ и Управата за индиректно даночење на БиХ се нелегитимни структури додавајќи дека ентитетот Република Српска го укинала нивното формирање.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не е оптимист за решение со Софија се додека бугарската страна инсистира дека сме биле Бугари до 1945 година, односно дека имаме заедничка историја од среден век до 1945 година и се додека преговарат луѓе кои вели, не знаат да преговараат.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон предупреди дека руското воено засилување во близина на Украина, за кое Западот се сомнева дека е вовед во инвазија, ја предизвика најсериозната безбедносна криза во Европа во последните децении, бидејќи Москва почна да одржува заеднички воени вежби во Белорусија во кои учествуваат повеќе од 30.000 војници.
БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди дека Европа се соочува со опасен момент додека Русија продолжува со трупањето војници во близина на нејзината граница со Украина скратувајќи го времето за предупредување што Алијансата би го имала пред каква било можна инвазија на Москва.
ИРАН - Вашингтон повторно го предупреди Иран дека му истекува времето да го оживее нуклеарниот договор од 2015 година, порачувајќи му на Техеран дека ќе биде невозможно да се врати на историскиот договор доколку тој не се постигне во следните неколку недели.