Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ) и лидер на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), изјави дека „вооружените сили на БиХ и Управата за индиректно даночење на БиХ се нелегитимни структури“ додавајќи дека ентитетот Република Српска го укинала нивното формирање“.
„Народното собрание на Република Српска ја отповика согласноста за формирање на вооружените сили и согласноста за индиректни даноци да се организираат на државно ниво, и тоа се незаконски и неуставни структури“, рече Додик на прес-конференција во Источно Сараево.
Тој посочи дека Република Српска не е за автоматско исклучување од државниот систем на индиректни даноци, но дека доколку нема договор ќе формира своја управа за индиректно оданочување.
На 10 декември минатата година, Народното собрание на Република Српска ја задолжи владата на ентитетот во рок од шест месеци, меѓу другото, да ги испрати на разгледување и усвојување законот за данокот на додадена вредност во РС и законот за акцизи во РС.
- Одобрена работа на претставници на Република Српска во институциите на БиХ
- Додик најави условно враќање во институциите на БиХ
Во заклучокот потоа беше наведено дека законите, вклучително и Законот за системот за индиректно оданочување во БиХ и Законот за органот за индиректно оданочување на БиХ, нема да се применуваат на територијата на Република Српска од денот на влегувањето во сила на законите за ентитетите.
Во декември, владата на РС, исто така, имаше задача да ги утврди и поднесе законите од областа на одбраната и безбедноста до Собранието на Република Српска. По овие активности, Обвинителството на БиХ отвори предмет против повеќе лица поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело нарушување на уставниот поредок.