Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не е оптимист за решение со Софија се додека бугарската страна инсистира дека сме биле Бугари до 1945 година, односно дека имаме заедничка историја од среден век до 1945 година и се додека преговарат луѓе кои вели, не знаат да преговараат.
„Не е суштината трипати да преговараме за ова, еднашка за историјата. Суштината е изминатите месеци и години кога добивавме вето добивавме поради една едноставна причина, а тоа е дека ние не можеме да прифатиме дека сме биле Бугари до 1945 година, односно од среден век до 1945 година дека имаме заедничка историја и дека сме биле Бугари. Малку парадоксално сето тоа звучи“, изјави Мицкоски на новинарско прашање дали е оптимист и што очекува од работата на комисиите кои се формирани за продлабочување на соработката со Бугарија.
- Ковачевски: Историските прашања ќе ги решава стручната историска фела
- Во Софија продолжуваат експертските разговори меѓу Македонија и Бугарија
Тој додава дека него повеќе го загрижува што, вели, континуирано се тргува со нашите преговарачки позиции и начинот на кој се водат преговорите.
„Континуирано се лицитира со нешто со што не треба да се лицитира. Така не се водат преговори. Но, ги разбирам, преговараат луѓе коишто во животот не преговарале. Преговараат луѓе коишто во животот само знаеле што значи да наведнат глава и по принципот на полжавот да стигнат до врвот. Не знаат што значи навистински да се испреговара и да се успее во тие преговори. Тоа е суштината“, вели Мицкоски.
Тој потврди дека во однос на евентуална лидерска средба со премиерот Димитар Ковачевски, ќе оди на средба каде што треба да разговараат за актуелните прашања.