Укинувањето на пржинската влада и на апанажата не поминаа во Собранието

Илустрација- претседателот на Собранието Талат Џафери

Пред усвојување на дневниот ред на денешната 62. седница, пратениците не го прифатија предлогот на група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка да се донесе предлог законот за изменување на Законот за владата, со кој се предвидува укинување на „пржинската влада“. За предлогот гласаа 32 пратеници, 55 против, а немаше воздржани, по што претседателот на Собранието Талат Џафери констатира дека предлогот не е усвоен.

Техничката влада која се формира според таканаречниот „Пржински модел“ првпат беше применета на изборите во 2016 година, а беше производ на таканеречениот пржински договор за излез од кризата до која дојде откако тогашиот опозициски лидер Зоран Заев почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори.

Според тој договор сто дена пред избори се бира технички премиер и техничка влада, а опозицијата добива министри во две министерства (за внатрешни работи и за труд и социјална политика) и тројца заменици министри (министерството за земјоделство, за финансии и за администрација и информатичко општество).

ВМРО-ДПМНЕ сега бара укинување на таквата влада оти велат дека така изборниот процес многу долго трае и дека досега се покажала како нефункционална. Од СДСМ велат дека и тие се за укинување, но и за сите прашања поврзани со измените на Изборниот законик за кои треба да се обезбеди консензус.

На денешната седница на Собранието не беше усвоен и Предлог – законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во Републиката поднесен од Левица, кој има за цел укинување на апанажата. За гласаа 16 пратеници, против беа 13, а воздржани немаше.

Во процедурална забелешка Талат Џафери објасни зошто гласал против овој закон. Посочи дека Собранието не е локална самоуправа каде функционира врз доброволна основа, без надоместоци и рече дека на крајот на мандатот функционерите ја користат законската можност. Левица го поднесе овој предлог откако неколкумина поранешни министри од претходната влада на СДСМ побараа апанажа откако не станаа министри и во кабинетот на Димитар Ковачевски.