Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупреди дека Европа се соочува со „опасен момент“ додека Русија продолжува со трупањето војници во близина на нејзината граница со Украина скратувајќи го времето за предупредување што Алијансата би го имала пред каква било можна инвазија на Москва.
„Ова е опасен момент за европската безбедност“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција на 10 февруари по средбата со британскиот премиер Борис Џонсон.
„Бројот на руските сили се зголемува. Времето за предупредување за можен напад се намалува... НАТО не е закана за Русија, но ние мора да бидеме подготвени за најлошото, додека остануваме силно посветени на изнаоѓање политичко решение“, рече тој.
Американски официјални лица велат дека Русија го зголемила бројот на свои војници на 110 000 и дека е на пат да собере доволно голема сила, односно околу 150 000 војници, за целосна инвазија до средината на месецот.
Москва инсистира дека нема планови да ја нападне Украина, но продолжи да прави провокативни воени потези, истовремено барајќи гаранции од Западот дека НАТО нема да ја прими Украина и другите поранешни советски земји како членки и дека ќе го запре распоредувањето на оружје таму. И Вашингтон и НАТО ги отфрлија ваквите руски барања.