Изминатите неколку денови сите бевме охрабрени и ги пофаливме напорите на Северна Македонија и Бугарија кои се во функција на пристапните преговори и тие да почнат што поскоро, изјави денеска амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир.
На прес-конференција во Битола, амбасадорот Гир посочи дека надминувањето на разликите меѓу двете соседни држави ќе овозможи отворање на пристапните преговори со Европската унија.
“Ние секогаш сме ги повикувале Република Северна Македонија и Република Бугарија да разговараат се со цел да ги надминат разликите и за да може што поскоро да ги отвориме пристапните преговори со Република Северна Македонија. Изминатите неколку денови сите бевме охрабрени да ги пофалиме напорите од двете страни кои се во функција на пристапните преговори и тие да почнат што поскоро. Но, се додека тоа се случи, мислам дека е многу важно сите чинители да се фокусираат на реформскиот процес, на имплементација на реформите кои ќе ја доближат земјата до Европската Унија. Потребни се практични чекори за да се унапредат реформите и што побрзо се движи имплементацијата на реформи, толку пократок ќе биде патот на земјата до ЕУ“, изјави амбасадорот Гир кој денеска е во официјална посета на Општина Битола.
Новите премиери во двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков најавија нов пристап во разговорите за деблокирање на македонските европски интеграции кои Бугарија ги блокираше во 2020 година поради нерешени билатерални прашања, тогаш со инсистирање за решавање на прашања и личности од историјата, со што од тогаш фокусот се стави врз работата на заедничката комисија. Сега премиерите формираа и други работни групи освен за историјата и најавија фокус и врз економијата, трговијата и културата.