Собранието денеска едногласно со 101 глас „за“ го прифати предлогот на Владата по скратена постапка да бидат донесени измените на Законот за минимална плата. Предлог-измените, кои се резултат на договорот постигнат на Економско-социјалниот совет за зголемување на минималната плата и за новата методологија за усогласување на минималецот, треба да биде разгледани на матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика.
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, образложувајќи ја причината зошто законот треба да биде донесен по скратена постапка, рече дека не се работи за обемно законско решение. Предлог-законското решение, како што истакна, е во насока на заштита на семејниот буџет и подобрувањето на животниот стандард на работниците.
„Социјалниот дијалог во земјава е реалност. По одржани три седници на Економско-социјалниот совет и конструктивната дискусија, заедно, партнерски, го донесовме најодржливото решение за утврдување на минималната плата“ рече Тренчевска.
Со Предлог-измените се менуваат критериумите за годишното усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Се предвидува и висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од Заводот за статистика за претходната година.
„Овие измени ќе опфатат околу 80.000 наши граѓани кои со исплатата на мартовската плата во април ќе добијат покачување на платата од 15.200 денари на 18.000 денари“, рече Тренчевска.
Пратениците од „Левица“ кои исто така имаа поднесено измени на Законот за минимална плата, го повлекоа нивниот предлог, најавувајќи дека ќе дадат поддршка на Предлог-измените поднесени од Владата.