Турција се закани со забрана на Гласот на Америка, Еуроњуз и Дојче Веле

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган

Веб платформите на три светски медиуми би можеле да бидат забранети во Турција, освен ако не поднесат барање за дозволи за емитување преку интернет, изјави за ДПА заменик-претседателот на Националниот регулатор за радиодифузија(РТУК).

Американската Гласот на Америка, Еуроњуз од Лион и Дојче Веле од Бон треба да добијат лиценци за да можат да продолжат да емитуваат онлајн, изјави за ДПА заменик претседателот на РТУК, Ибрахим Услу.

Услу додава дека регулаторот ќе објави детално известување за одлуката на својата веб-страница во рок од седум до 10 дена. Потоа медиумите ќе имаат рок од 72 часа да го исполнат барањето. Тој како причина го наведе законот донесен од парламентот во 2018 година, според кој надзорното тело има овластување да забрани или суспендира домашни и странски медиумски услуги, доколку тие не добијат дозвола од РТУК.

„Овие три веб-страници ќе бидат затворени доколку не се почитуваат правилата“, рече Услу, додавајќи дека одлуката „нема никаква врска со цензура, туку е дел од технички мерки“.

Трите медиуми ќе мора да основаат компанија со седиште во Турција откако ќе аплицираат за лиценци, рече тој, додавајќи дека РТУК е подготвена да побара и од другите странски медиуми да обезбедат лиценци.

Турција го зголеми медиумскиот надзор последниве години, откако ја овласти РТУК да врши контрола врз целата онлајн содржина и и даде право да ја отстрани. Околу 90 отсто од главните турски медиуми денес се во сопственост на државата или луѓе блиски до владата.

Минатиот месец претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган предупреди дека неговата влада ќе преземе мерки против медиумските содржини кои се сметаат за штетни за „националните и духовните вредности“. РТУК во повеќе наврати ги има казнувано телевизиските станици и стриминг сервисите, вклучително и Нетфликс, за емитување таква содржина.

Нетфликс и Амазон Прајм ја добија лиценцата во 2020 година, извести државната новинска агенција Анадолија.

Турција е на 153-то место од 180 земји на Индексот за слободата на медиумите, на Репортери без граници за 2021 година.