Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека и покрај намалувањето на новите случаите на коронавирус и починати, „ковид се уште не завршил со нас“. Истовремено повика на поголема поддршка од владите за борба против пандемијата.
Тедрос ги даде коментарите на стартот на кампањата од 23 милијарди долари за финансирање на напорите на СЗО да обезбеди правична испорака на тестови, третмани и вакцини низ целиот свет. Тој рече дека „болестите не познаваат граници“ и дека високо преносливата варијанта омикрон обезбедила доказ дека „секое чувство на безбедност може да се промени во еден момент“.
СЗО вчера го објави неделниот епидемиолошки извештај, кој покажува дека бројот на заболени се намалил за 17 отсто во светот изминатата недела, додека на смртните случаи за 7 отсто. Бројот на случаи во САД е намален за околу 50 отсто, се вели во извештајот.
„Во зависност од тоа каде живеете, може да се чувствувате како пандемијата на КОВИД-19 да е скоро завршена, или можеби да се чувствувате како да е во пикот. Знаеме дека овој вирус ќе продолжи да се развива, но не сме беспомошни. Имаме алатки за да ја спречиме оваа болест, да ја тестираме и да ја третираме“, рече Тедрос.
Во Европа, бројот на случаи се намали за 7 проценти, иако земјите во Источна Европа - вклучувајќи ги Азербејџан, Белорусија и Русија - објавија зголемување на дневниот број новозаразени.