Влада- Делчев да не се злоупотребува за создавање конфликти и нетрпеливост

Гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје каде што на 4 февруари делегации положуваа цвеќе како дел од одбележувањето на 150 годишнината од неговото раѓање

Владата смета дека нема потреба од донесување на декларацијата за Гоце Делчев која беше поднесена во Парламентот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Посочуваат дека Собранието веќе усвои резолуција за утврдување на државните позиции во преговорите со Бугарија, како и дека Делчев не е предмет на преговори.

„Многу е важно сите политички и општествени чинители да се воздржат од дневно-политичко поентирање и профитирање врз грбот, ликот и делото на нашиот великан Делчев. Апелираме Делчев да го чествуваме и славиме одговорно и достоинствено. Не смее да се злоупотребува големиот Делчев за создавање конфликти и нетрпеливости, било да е тоа дома или пак надвор од нашите граници. Имаме обврска да сме внимателни, посветени и достоинствени во јавните комуникации кога е Делчев во прашање бидејќи тој токму тоа најмногу го заслужува“, е ставот на Владата даден за МИА.

Од Владата додаваат дека останува отворена поканата до опозицијата за конструктивно вклучување во процесите за евроинтеграциската иднина на земјата. Сметаат дека прашањата може да се решат преку интензивирање на дијалогот на работните групи од двете земји, релаксирање на односите и фокус на развојот на односите во сите сфери. Резултатите, за кратко време, се веќе видливи, велат од Влада.

Реакцијата доаѓа откако ВМРО-ДПМНЕ минатата недела предложи декларацијата од осум точки за ликот и делото на револуционерот а СДСМ ја одби. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и денеска на собраниската Комисија за надворешна политика предложија да се разгледува Декларацијата за Гоце Делчев, а како што наведе пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, пратениците од СДСМ и ДУИ ја напуштиле седницата.

„Присутните колеги од СДСМ/ДУИ побегнаа, за седницата да нема кворум и да не може да се гласа. Ќе ги почекаме, има време до Илинден“, наведува Милошоски на Фејсбук.

Тој објави и фотографија на која дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска на собраниската Комисија се облечени во маици со ликот на Гоце Делчев.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалиција на Комисијата за надворешна политика со маици на кои е ликот на револуционерот Гоце Делчев,9.2.2022

Инаку, во декларацијата меѓу другото се предвидува електронските медиуми да интегрираат во програмата содржини со кои ќе се афирмира јубилејот по повод 150 годишнината од чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев, државната компанија за поштенски услуги да издаде поштенска марка, а Институтот за национална историја и Македонската академија на науките и уметностите, да организираат соодветни настани.

Во резолуцијата уште се предлага Министерството за образование и наука да преземе активности со кои на одделенските часови во основните училишта ќе се информираат учениците за ликот и делото на Делчев, а Националната установа Музеј на македонската борба да спроведе соодветни активности со кои, како што пишуваат, ќе се зацврсти споменот на граѓаните за ликот и делото на оваа важна историска личност.