Албанскиот претседател го тужи Парламентот

Претседателот на Албанија Илир Мета

Албанскиот претседател Илир Мета денеска ја потпиша кривичната пријава против Собранието за приложување „фалсификувани документи“ во Уставниот суд на седницата за негово разрешување.

Како што рече Мета на прес-конференција, пријавата е доставена до Специјалното јавно обвинителство, до Обвинителството во Тирана, а заради запознавање и до Државното јавно обвинителство. Тој вели дека за да се разреши претседателот, фалсификувале документи и во Уставен суд, па се прашува каква гаранција има дека законите што се изгласуваат во Собрание се веродостојни и не се менуваат во интерес на одредени групи.

На прашањето дали ќе ја ослободи канцеларијата доколку уставните судии се произнесат за негово разрешување, Мета навести дека нема да го стори тоа, велејќи дека 24 јули е денот кога му завршува претседателскиот мандат.
Уставниот суд во понеделникот ја одржа третата и последна седница околу одлуката на Парламентот за разрешување на Мета, на која беа изнесени ставовите на двете страни, по што објави дека конечната одлука, со образложение, ќе биде соопштена во рок од 30 дена.