Бектеши – За справување со енергетската криза не се дадени ниту 120 милиони евра

Министерот за економија Крешник Бектеши

Ниту 120 милиони евра државата не потрошила за справување со енергетската криза, за разлика од другите држави од соседството што за тоа дале милијарди, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши по посета на Технолошко развојната зона во Тетово.

Тој вели дека земјата добро менаџира со енергетската криза.

„Моментално нема рестрикции во Северна Македонија, нема ценовни шокови за домаќинствата и малите потрошувачи. Горд сум на сè што досега сме постигнале, а не сме трошеле од буџетот. Ако се споредиме со Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина или другите држави во соседството, кои потрошиле милијарди само за овие месеци, ние целосно не сме потрошиле ни 120 милиони евра“, рече Бектеши.

Тој вели дека без воведување на кризната состојба немало да се создадат поволни услови за менаџирање на кризата.

Владата вчера донесе одлука да одвои речиси 50 милиони евра за да може ЕСМ да набави струја.

Бектеши вели дека државата ги субвенционира и им помага само на државните компании како што прават секаде во Европа и нагласи дека ЕСМ е во 100 процентна владина сопственост.

Тој воедно информираше дека се работи на измена на правилникот со кој ќе се зголеми можноста домаќинствата на своите покриви да инвестираат во дополнителни капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори до шест киловати, што ќе претставува 50 отсто зголемување на моќноста од сега дозволените четири киловати, а дополнително за компаниите наместо сега дозволените 20 киловати ќе се овозможи на своите покриви да постават фотоволтаици со капацитет до 60 киловати.