Опозициските членови ја блокираа комисиската расправа за Предлог законот за Академија за судии и јавни обвинители. При обидот на претседателката на Комисијата на за политички систем и односи меѓу заедниците Соња Мираковска да ја отвори точката од дневниот ред, бурно реагираа членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателката на Комисијата даде еден час пауза.
Претходно, пратеникот Дејанчо Ефтимов во процедурална забелешка рече дека истиот текст на законот кој бил доставен до Собранието на почеток на август во редовна постапка без знамето на Европската унија, бил повлечен од страна на Владата и во септември со знамето на ЕУ бил ставен на Комисијата и сега повторно власта се обидува да ги заобиколи процедурите и да го донесе законот.
Тој вели дека закон кој ќе влијае на правосудниот систем во наредните децении, не треба да се носи без редовна постапка, а во расправата за него треба да се вклучат сите засегнати, бидејќи од Академијата ќе излезат идните судии и обвинители.
По нејзиното излагање се слушна вресок од некоја од пратеничките во салата, по што Мираковска ја прекина седницата и даде еден час пауза.
Донесувањето на Законот произлегува од потребата за реформа на судството во земјата, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, стратегиската цел на РСМ за членство во ЕУ и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди, се наведува во Предлог-законот.