Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), бара со зголемувањето на минималната плата, скалесто да се зголемат и другите плати, за да не дојде до, како што велат, крах на системот на плати во администрацијата и правосудството, изјави денеска претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски.
Едно од клучните барање на УПОЗ упатено до Владата е заедно со измената на Законот за минималната плата во скратена постапка да се направат измени и на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството на начин што вредноста на минималната плата да се земе како основ на плата и сите вработени да имаат одредени бодови за ниво.
На овој начин, според нив, ниту еден вработен во администрацијата не би бил на минимална плата и прв пат во историјата ќе има усогласување на платите со минималната плата во администрацијата и правосудството. Во спротивно, тие најавија дека ќе бидат приморани да ја активираат одлуката донесена во ноември и незадоволството на вработените да го изразат преку протести или преку други форми на притисок за други форми на штрајк.
Од УПОЗ велат дека со новата вредност на минималната плата Владата првпат во историјата на Македонија, ќе направи цела група вработени во администрацијата кои досега беа малку над минималната плата сега да примаат само минимална плата.
„Со самото тоа, Владата ги омаловажува и понижува своите вработени, и второ го зголемува процентот на вработени кои примат минимална плата на државно ниво од 13,8 проценти на скоро 18 проценти“, рече Деаноски.
Тој вели дека платите во администрацијата и правосудството не го следат зголемувањето на минималната плата, и ако таа од воведувањето во 2012 досега се зголемила за 120 отсто, платите во администрацијата и правосудството се зголемиле за 9-10 проценти.
Во понеделникот владата и социо-економските партнери донесоа одлука минималната плата да се зголеми до 15.200 на 18 илјади денари. Покачувањето ќе важи од мартовските плати.