ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека за време на мандатот на поранешниот градоначалник на Бутел од редовите на СДСМ, Велимир Смилевски преку тендер за улично осветлување се испумпувале пари од општината. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на денешната прес-конференција во седиштето на партијата рече дека тендерот во 2021 го добила компанијата Провиз ДООЕЛ во вредност од 12 милиони денари или околу 190 илјади евра врз основа на најниска понудена цена. Според него, во таканаречената најниска понуда која е добиена како збир на понудените цени на производите се крие, како што рече, сериозна манипулација и злоупотреба.
Лефков рече дека компанијата, согласно со техничката спецификација, нудела екстремно високи цени за производи кои општината ги набавувала во големи количини, и екстремно ниски цени за производи кои општината според договорот ги барала во минимални количини или воопшто не ги барала. На пример, како што рече тој, потенок кабел чини 380 денари, а подебел кабел 1,81 денар.
„Разликата во цената е огромна, или поточно потенкиот кабел бил 210 пати поевтин од подебелиот, што е апсурдно. Секој метар набавен од поскапиот кабел е злоупотреба и оштетување на буџетот“, рече Лефков.
Слично, како што наведе Лефков, било и со цената на светилка од 70 вати која чини 10.881 денари, а исти такви светилки од 150 и 250 вати чинат 1,81 денар.
Разликата во цената е над 6.000 пати поскапа, и како што посочи тој, истото се повторува и со други производи како столбови и друг вид на сијалици.
„Во услови на вакви разлики на цени за производи кои имаат слични спецификации, постои основано сомнение дека поскапите секогаш биле преферирани за набавки, и на тој начин освен што се злоупотребувал тендерот, биле трошени енормни народни пари со цел богатење на приватни фирми.
Со други зборови производот кој се набавува во огромни количини чини суво злато, а после истиот следуваат 9 производи кои чинат по едвај два денари. Тие девет производи имаат за цел да ја избркаат конкуренцијата“, рече Лефков.
Доколку се докаже дека Општина Бутел, како што порача Лефков, ги набавила производите кои имале екстремни цени, а ги избегнувале продуктите кои чинеле по 1,8 денари тогаш се работи за класичен криминал со кој се испумпувале буџетските пари на сметките на приватни компании и за тоа мора да има кривична одговорност.
Тој воедно повика надлежните институции да го испитаат тендерот, односноЈ авното обвинителство да постапи согласно своите надлежности, а Финансиската полиција да провери каде завршувале парите од сметките на оваа приватна компанија.