Војници и фактури

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Премиерот на Бугарија Кирил Петков во изјава за бугарските новинари кои известуваа за неговата денешна посета на Белград, рече дека имал телефонски разговор со македонскиот колега Димитар Ковачевски.

ТУРКМЕНИСТАН - Властите во главниот град на Туркменистан, Ашгабат, почнаа да ангажираат деца за да им помогнат во отстранувањето на бездомните мачки и кучиња од градските улици пред почетокот на седницата на Горниот дом на парламентот, обвинуваат активистите.

ФРАНЦИЈА - Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека решавањето на ќор-сокакот околу зголемувањето на руските трупи во близина на границата со Украина би можело да потрае со месеци, но дека има простор за напредок. Макрон претходно одржа разговори и до рускиот и со украинскиот претседател.

МАКЕДОНИЈА - Владата одобри 2,9 милиони евра на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), претпријатие во државна сопственост за справување со кризната состојба во снабдувањето со струја, одлучено е на денешната владина седница. Од владината прес-служба по седницата информираа дека се задолжува ЕСМ овие пари да ги искористи за реализација на мерките за обезбедување дополнителни количини на електрична енергија. Одобрено е ЕСМ да овозможи ЕВН одложено да ги плати сметките на доспеаните фактури за декември и јануари до 01.07.2022 година.

КОСОВО - Пратениците во Собранието на Косово лани зеле надоместоци од над 100 илјади евра за патни трошоци за учество на пленарните и на седниците на собраниските комисии, јави дописникот на МИА од Приштина.

РУСИЈА - Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој се наоѓа во затвор, следната недела се соочува со ново судење за кое му се закануваат уште 10 години затвор.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот министер во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски излегува од куќен притвор. Тој е неправосилно осуден на шест години и три месеци затвор од Кривичниот суд Скопје за случајот Организатори на 27 април.

РУСИЈА - Русија соопшти дека шест нивни воени бродови од Средоземното Море се упатиле кон Црното Море за да учествуваат на воени вежби во услови на зголемени тензии со Западот поради трупањето над 100 илјади руски војници на границата со Украина. Тоа ги зголеми стравувањата дека Москва се подготвува за воена инвазија врз нејзиниот сосед.