Премиерот на Бугарија Кирил Петков во изјава за бугарските новинари кои известуваа за неговата денешна посета на Белград, рече дека имал телефонски разговор со македонскиот колега Димитар Ковачевски.
„Ние имаме заедничка цел, а тоа е добрососедството и добри билатерални односи“, вели Петков.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков коментирајќи го оштетувањето на венците што бугарската делегација ги положи на гробот на Гоце Делчев во Скопје, кажа дека секогаш ќе има провокатори.
Петков очекува да има нулта толеранција за провокации и верува дека тоа никако нема да ја намали брзината или да ги спречи започнатите заеднички активности.
Петков денеска во Белград се сретна со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со српската премиерката Ана Брнабиќ.
На почетокот на прес-конференцијата со Петков, српската премиерка рече, без да се меша во внатрешни прашања на други држави и партнери, дека е значајно што првата посета на Петков била на Скопје. Со тоа, вели Брнабиќ, тој покажал дека посветува внимание на Западен Балкан и на неговата евроинтеграција.
„Мене како премиер на прво место ми се евроинтеграциите на Србија, но заради регионалната стабилност на целиот Западен Балкан исклучително ми е важно да видиме напредок на европскиот пат на нашите партнери и пријатели од Севрна Македонија, секако и на Албанија и БиХ и благодарам што со тој пат покажавте исклучителна посветеност на решавањето на сите отворени прашања, за да сите имаат европска перспектива“, изјави Брнабиќ.