Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека решавањето на ќор-сокакот околу зголемувањето на руските трупи во близина на границата со Украина би можело да потрае со месеци, но дека има простор за напредок. Макрон претходно одржа разговори и до рускиот и со украинскиот претседател.
„Сега имаме можност овие преговори меѓу Русија и Украина да напредуваат“, рече Макрон откако денеска се сретна со неговиот украински колега Володимир Зеленски. Макрон вели дека гледа „конкретни, практични решенија“ за намалување на тензиите меѓу Москва и Западот.
Макрон не даде никакви детали за разговорите, велејќи дека никој не треба да биде „наивен“ во поглед на трупањето на руски сили во близината на границата со Украина.
„Заземајќи го овој заканувачки став, Русија одлучи да изврши притисок врз меѓународната заедница“, рече Макрон еден ден по разговорите со неговиот руски колега Владимир Путин.
Вашингтон и некои европски земји стравуваат дека потезите на Москва се увертира за инвазија на Украина. Москва инсистира дека нема планови да ја нападне Украина, но продолжи да прави провокативни воени потези, истовремено барајќи гаранции од Западот дека НАТО нема да ги прими Украина и другите поранешни советски земји како членки, дека ќе го запре распоредувањето на оружје таму, а исто така ќе се повлече нејзините сили од Источна Европа.
И Вашингтон и НАТО ги отфрлија барањата.
На прес-конференцијата со Макрон, Зеленски беше повнимателен, велејќи дека Украина бара конкретни чекори од Путин за да докаже дека е сериозен за деескалација на тензиите и повлекување на руските трупи од границата.
„Навистина не им верувам на зборовите, верувам дека секој политичар може да биде транспарентен со преземање конкретни чекори“, рече Зеленски.
Претседателскиот кабинет на Франција соопшти дека Макрон предложил двете страни да се заложат дека нема да преземаат нови воени дејствија, а истовремено да започнат стратешки дијалог.
Исто така, се вели дека договорот предвидува повлекување на околу 30.000 руски војници од Белорусија кога ќе завршат заедничките воени вежби подоцна овој месец.