Бугарскиот претседател Румен Радев на работна средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и на Швајцарија разговарал и за отворените билатерални прашања во дијалогот со Република Северна Македонија, соопшти прес службата на Радев.
„Меѓу нерешените политички прашања се издвојуваат почитувањето на правата на македонските Бугари, засилувањето на јазикот на омразата и посегнувањата по бугарското културно-историско наследство. Оставањето на овие прашања по страна ќе го забави и напредокот во процесот на европска интеграција“, рекол Радев.
Тој рекол дека Бугарија очекува уставни гаранции за почитување на правата на македонските Бугари, со нивно додавање во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, заедно со наведените други делови на народите.
Според шефот на Бугарија тоа треба да се случи пред почетокот на преговорите за членство на Скопје во ЕУ.
„Почитувањето на човековите права и исполнувањето на критериумите од Копенхаген за членство не може да се третира само како билатерално прашање меѓу Бугарија и СРМ, тие влијаат на основните европски вредности, не можат да се преговараат и се јасен показател за европската зрелост на СРМ. Тешко е да се прифати тезата дека во парламентот на земја кандидат за членство во ЕУ нема 2/3 мнозинство за да се изрази силната политичка волја за постигнување полноправно членство“, рекол Радев.
Според него би било необјасниво да се внесе во обединета Европа идеологијата на поранешните тоталитарни режими.
Тој рекол дека Бугарија, како одговорна членка, не сака да внесува отворени проблеми во ЕУ и очекува разбирање, солидарност и поддршка од своите европски сојузници за прашањето за европската интеграција на С. Македонија.
Источниот сосед почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот Румен Радев почна да инсистира и на правата на македонските Бугари, а новиот премиер Кирил Петков најави формирање и на пет други работни групи поврзани со теми како економијата, културата итн, но истовремено вели дека нема да се откажат од историјата.