Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој се наоѓа во затвор, следната недела се соочува со ново судење за кое му се закануваат уште 10 години затвор.
На Навални следната недела ќе му се суди за проневера од неговата, сега веќе затворена и забранета, Антикорупциска фондација и за непочитување на московскиот суд. На Навални ќе му се суди во затворот во
регионот Владимир, околу 200 километри источно од Москва, каде што тој е сместен во Поправната колонија број два.
Судот претходно соопшти дека судењето ќе се одржи на 15 февруари.
Адвокатот на Навални, Олга Михајлова, рече дека одлуката да му се суди на Навални во казнената колонија „сериозно ќе влијае“ на правото тој да се брани пред судот.
„Во Колонијата каде што е сместен апсолутно е забрането да се внесуваат телефони, компјутери и други уреди. Затоа, не разбирам како ќе се одвива судењето“, рече Михајлова.
Навални е обвинет дека присвоил за лична употреба повеќе од 4,7 милиони долари од донации кои биле дадени на неговите организации. Обвиненијата предвидуваат максимална казна од 10 години затвор.
Тој, исто така, се соочува со затворска казна до шест месеци за непочитување на судското обвинение поднесено за време на едно од рочишта минатата година.
Навални ги отфрли обвиненијата, нарекувајќи ги политички мотивирани.
Критичарот на Кремљ беше уапсен во јануари минатата година, по неговото враќање од Германија, каде што се опоравуваше од нападот со нервен агенс. Навални обвинува дека руските власти стојат зад нападот, но тие тоа го негираат. Потоа тој беше осуден на две и пол години затвор за кршење на условите од претходно изречената условна казна. Организациите, пак, поврзани со Навални Судот ги прогласи за екстремистички.