Шест руски воени бродови пловат од Средоземното кон Црното Море за воени вежби

Руски брод во Црно Море, архивска фотографија.

Русија соопшти дека шест нивни воени бродови од Средоземното Море се упатиле кон Црното Море за да учествуваат на воени вежби во услови на зголемени тензии со Западот поради трупањето над 100 илјади руски војници на границата со Украина. Тоа ги зголеми стравувањата дека Москва се подготвува за воена инвазија врз нејзиниот сосед.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека бродовите од Балтичката и од Северната флота го поминале Босфорскиот Теснец „на планиран начин“ за да учествуваат во претходно најавени воени вежби во Црното Море.

Бродовите денеска и утре треба да поминат низ турски води, објави Ројтерс, повикувајќи се на турски поморски извори.

Законски, Турција, која е членка на НАТО, може да го затвори теснецот за транзит доколку Русија преземе воена акција против Украина.

Покажувањето сила е дел од серијата вежби кои руската морнарица ги спроведува ширум светот.

Минатиот месец, Министерството за одбрана најави воени вежби во кои ќе бидат вклучени 140 бродови и над 10 илјади војници.

Русија негира дека планира да ја нападне Украина, велејќи дека може да ги распореди своите војници каде сака на своја територија.

Во исто време, Москва бара од САД и НАТО проширување на безбедносните гаранции за деескалација на ситуацијата.