Сертификатот за прележан ковид да трае 180 дена, предлага Комисијата за заразни болести

Портпаролот на Комисијата, доктор Злате Мехмедовиќ

Комисијата за заразни болести предложи денеска траењето на сертификатот по прележан Ковид-19 наместо досегашните 45 дена да трае 180 дена сметано од датумот на позитивен ПЦР тест. Портпаролот на Комисијата, доктор Злате Мехмедовиќ изјави дека една од препораките е поврзана со извештајот кој бил презентиран од Институтот за јавно здравје каде е направена анализа на сите случаи на хоспитализација и смрт од болеста во периодот од 1 до 31 јануари годинава.

„Анализата покажува дека во анализираниот период само шест лица од пациентите кои примиле трета доза завршиле со смртен исход. Сите смртни случаи кои биле контастирани имале коморбидитети, како што се дијабетес, карцином, кардиоваскуларни заболувања и обезност“, рече Мехмедовиќ на прес-конференцијата по денешната средба на комисијата.

Тој додаде дека третата препорака се однесува на постоечките упатства за лекување пациенти од Ковид-19 и тие да бидат објавени на сајтот на Министерството за здравство, на Лекарската комора и дополнително испратени до матичните лекари, како и ковид центрите со цел да се олесни достапноста и примената на протоколите.

Последната препорака која била донесена се однесува на учениците, и како што рече Мехмедовиќ, дел од достапните тестови кои се во владение на Министерството за здравство ќе се користат за проценка на преносливоста на вирусот во школски услови. Тој информира и дека препораката за носење заштитна маска во училиште останува. Според комисијата, се уште е рано да се укинат сертификатите, бидејќи бројката на вакцинирани е ниска.

„Во фаза сме на широка трансмисија на вирусот имаме голем број на новозаразени. Укинувањето на сертификатите кои важат за контрола на движењето на граѓани во затворен простор, може да предизвика поголема трансмисија на вирусот, затоа што сертификатот има своја тежина ги штитат они кои не можат да ги имаат, а не зборуваме за лажните“, рече Мехмедовиќ.