Институтот за јавно здравје денеска го објави неделниот извештај во кој се наведува дека регистрирани сe 9.982 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со намалување од 16,2 проценти во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 22,5 до 35,6 отсто, просечно 29,5 проценти.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 31 јануари до 6 февруари тестирани се вкупно 33.421 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на Ковид-19 со намалување од 13,2 отсто во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст над 60 години, односно 24,6 проценти и од 30 до 39 години или 20,1 отсто.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнало 11.122 лице во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.340 реинфекции, со намалување за 14 отсто во однос на претходната недела.
Пријавени се 147 смртни случаи во 24 градови во текот на изминатата недела, за 0,7 проценти помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (51). Во однос на возраста, најголем број или 90 проценти од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.