Кремљ денеска негира дека рускиот претседател Владимир Путин му ветил на францускиот претседател Емануел Макрон дека Русија засега нема да организира дополнителни маневри во близина на Украина.
Макрон кој вчера ја посети Москва е највисоко рангираниот западен лидер кој се сретна со Путин откако беа распоредни повеќе од 100.000 руски војници во близина на украинската граница, при што земјите од НАТО стравуваат дека тоа е подготовка за војна.
Путин и Макрон не објавија никакви детали на прес-конференцијата. Но, француски функционер, зборувајќи пред новинарите под услов да остане анонимен рече дека Путин ветил дека засега нема да одржи нови маневри во близина на Украина. Тој исто така, рече дека Путин ветил дека ќе ги повлече руските трупи од Белорусија на крајот на воените вежби, кои се закажани за крајот на овој месец во земјата.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека извештаите за каков било потфат да не се одржуваат маневри во близина на Украина „не се точни“.
„Путин, исто така, не даде ново ветување за тоа кога руските трупи ќе ја напуштат Белорусија. Се очекува тие да се вратат во базите во Русија во одреден момент по вежбите, но, никој никогаш не рекол дека ќе останат во Белорусија“, рече тој.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска пристигна во Киев, еден ден по средбата во Москва со Путин и треба да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Вчера Макрон рече дека му дал предлози за „конкретни безбедносни гаранции“ на Путин за време на нивниот состанок во Кремљ и дека рускиот лидер го уверил за неговата „подготвеност да се вклучи во оваа смисла и неговата желба да ја одржи стабилноста и територијалниот интегритет на Украина“.
„Мојата цел беше да ја замрзнам играта, да спречам ескалација и да отворам нови перспективи. Оваа цел за мене е исполнета“, рече Макрон по пристигнувањето во Киев.
Француското претседателство соопшти дека Макрон предложил двете страни да се обврзат дека нема да преземаат нови воени дејствија и да започнат стратешки дијалог.