Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека декларацијата за Гоце Делчев која во Собранието ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ не враќа назад во процесот на преговори со Бугарија.
„Слична ваква иницијатива имаше ВМРО на Каракачанов во бугарското Собрание по однос на Свети Кирил и Методиј. Сакаа Парламентот да ги дефинира историските прашања. Е сега тоа што имаат исти имиња партиите, не мора да имаат и исти ставови. Ако влеземе во таков натпревар, ние денеска Гоце Делчев, утре бугарското Собрание уште посилен текст за Гоце Делчев, па ние потоа, ние влегуваме во маѓепсан круг на односи, не само со Бугарија, туку и генерално внатре во државата. Така што мислам дека не треба историјата да ја користиме како платформа за изградба на нашите политички кариери, за дневно политичките прашања и препукувања. Ова се прашања за коишто е многу важно надпартиско единство за да се и заштитат некои важни прашања за граѓаните и државата, но, пред се, тоа да не стане тема за дневно политичко препукување“, рече Османи во утринското гостување на емисијата Здраво Македонијо на Канал 5 ТВ.
ВМРО-ДМНЕ во Собранието поднесе декларација со цел, како што најавија, да се зацврсти темелот за ликот и делото на Делечев, кој е тема на разговори во заедничката мешовите комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија, а членовите не успеаа да усогласат заедничка препорака за него.
Османи денеска оствари средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ со цел, како што се наведува во соопштението, да ги брифира и да им даде пресек за актуелните случувања поврзани со европската агенда на земјата, особено предизвиците во билатералните односи со Бугарија и процесот на усвојувањето на преговарачката рамка како предуслов за почеток на преговорите со ЕУ.
„Северна Македонија демонстрираше посветеност кон европската интеграција, реформскиот процес и регионалната соработка создавајќи со тоа стратешка кредибилност пред своите партнери. Не отстапуваме од нашата амбиција да продолжиме со надворешната интеграција со нашето најблиско соседство, кое посакуваме да резултира со стабилни и квалитетни добрососедски односи, со потенцијал да преминат во трајно пријателство со силна меѓусебна доверба“, истакна Османи.
На средбата, според соопштението, се дискутирало и за учеството на Северна Македонија во заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Зборувајќи за надворешната политика на земјата, Османи, како што се посочува, се осврнал и на регионалните и на безбедносните предизвици и за ситуацијата во и околу Украина.