АЦЕР: Македонија 100 отсто зависна од рускиот гас

Илустрација

Податоците од Агенцијата за соработка на енергетските регулатори на Европската унија (АЦЕР) покажуваат дека Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Молдавија се најзависни од рускиот гас меѓу сите европски земји.
Земјава е 100 процентно зависна од рускиот гас, според податоците на АЦЕР објавени минатата недела.

Србија е зависна од рускиот гас е 89 отсто, Бугарија 77 отсто, Словенија 51 отсто. Најзависна од рускиот гас од западноевропските земји е Финска со 94 отсто, а најмалку зависна е Франција со 24 отсто.

„Гасното поврзување со рускиот гас во Северна Македонија е преку Бугарија. Северна Македонија планира наскоро да изгради интерконектор за гас со Грција, проект со стратешко значење за земјата што ќе ја подобри енергетската сигурност и ќе овозможи диверзификација на гасното снабдување“, соопштија од АЦЕР.

Во Европа растат стравувањата за испораките на гас во случај Русија да ја нападне Украина, а потоа да престане да испорачува гас како одмазда за европските и американските санкции. Залихите на Европа се веќе мали, а САД, кои ветија дека ќе им помогнат на европските земји да го зголемат извозот на течен природен гас, не можат ни оддалеку да ги задоволат потребите на Европа.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека САД и ЕУ работат на заштита на европските енергетски резерви од шокови кои произлегуваат од украинската криза.