Мицкоски најави поддршка за минималната плата, за СДСМ тоа е лицемерно

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека опозициската партија ќе го поддржи зголемувањето на минималната плата во Парламентот. Но истовремено, како што наведе, ќе интервенира амандмански во законот и ќе бара доследно почитување на колективните договори и коефициентите на сложеност на работните места, кога се исплаќаат платите на сите вработени во администрацијата.

„Да има за сите, а помалку да има корумпираната Влада да краде. Очекуваме веднаш ребаланс на буџетот и зголемување на дотациите за општините од страна на Владата за целосно почитување на правата на сите вработени во образованието, градинките и администрацијата“, порачува Мицкоски на неговиот профил на Фејсбук.

Од СДСМ реагираа дека во време на ВМРО-ДПМНЕ работниците имале 8.900 денари минимална плата.

„ВМРО-ДПМНЕ е партија која е против работниците. Груевски и Мицкоски ја промовираа нашата земја како рај за евтина работна сила. Денес Мицкоски лицемерно кажува дека ја поддржуваат минималната плата. Додека неговите економисти јавно се противат на покачувањето на минималната плата. Трајко Славевски и Данела Арсовска се први на фронтот за спречување на раст на платите“, соопштија од СДСМ.

СДСМ ја покачи минималната плата на 18.000 денари со што,како што се наведува во соопштението, за 4 и пол години има двојно покачување од минималната плата од онаа од времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа по средбата на Економско социјалниот совет во Владата информираше дека е постигнат договор со ССМ и со Организацијата на работодавачи да се зголеми износот на минимална плата од 18 илјади денари, со што како што рече, 80 илјади граѓани ќе се издигнат на прагот над сиромаштијата. Почнувајќи од мартовската плата, како што рече тој, работниците ќе имаат покачување од околу 45 евра.