Париз вели дека Путин се согласил засега да не започнува нови маневри во близина на Украина

францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин, Москва, 07.02.2022.

Рускиот претседател Владимир Путин вети дека засега нема да спроведува нови воени иницијативи во близина на Украина, изјави француски официјален претставник по разговорите на Путин со францускиот претседател Емануел Макрон. Рускиот лидер, според францускиот функционер, исто така се согласил војниците кои учествуваат на воена вежба на белоруска територија во близина на границите на Украина, да бидат повлечени штом ќе заврши вежбата. Самиот Путин не спомна такви отстапки кога зборуваше за медиумите по неговите шестчасовни разговори со Макрон во Кремљ доцна во понеделникот. Ројтерс не беше во можност самостојно да потврди дека Русија презела такви обврски.

Путин: предлози од Макрон за можен излез од кризата околу Украина

Францускиот функционер зборуваше со новинарите под услов да остане анонимен. Макрон е највисокиот западен лидер кој се сретна со Путин откако Москва почна да собира војници во близина на Украина. Западните држави велат дека стравуваат оти Русија се подготвува за инвазија. Москва негира каква било таква намера, но вели дека може да преземе неодредена воена акција доколку не се исполнат низа безбедносни барања. Францускиот функционер рече дека за време на разговорите Макрон се согласил на „отворен дијалог за стратешки прашања“, но нема детали за тоа што би можел да вклучува тој дијалог.

Бајден: Северен тек 2 нема да стартува ако Москва ја нападне Украина


Путин побара промени во безбедносните аранжмани во Европа, вклучително и ветување дека НАТО никогаш нема да ја прими Украина, дека ракети никогаш нема да бидат распоредени во близина на границите на Русија и дека западната алијанса ќе ја намали својата инфраструктура. Францускиот функционер рече дека за време на разговорите бил постигнат договор за засилување на дипломатијата според таканаречениот Нормандиски формат, во кој Франција и Германија дејствувале како олеснувачи во разговорите во кои учествуваат Русија и Украина.