Министерот за здравство Беким Сали изјави дека не е доволен бројот на граѓаните кои примиле прва доза на вакцина против Ковид-19. Но, според него, уште понезадоволително е тоа што е многу мал бројот на оние кои примиле трета доза.
„Нашите првични анализи, кои не се финални, ни даваат до знаење дека третата доза е најсигурниот и најбезбедниот штитник. Апел до сите наши граѓани, ги молиме сите што имаат коморбидитети, што побрзо да се обратат кон сите вакциналните пунктови за да се заштитат“, изјави Сали по примопредавање на првиот дел од донацијата од Италија од 250 илјади дози вакцини против Ковид-19.
Сали пред уништувањето на 300 илјади вакцини информираше дека уништување на една вијала од шест дози вакцини чини 0,29 денари.
„Сметаме дека не е момент на финансиски калкулации. Ние сме во период на една пандемија која трае, иако одредени држави веќе ја сметаат за завршена приказна, но ние се занимаваме со терцијални или секундарни работи, а приматот го забораваме. Уништувањето на вакцините скоро и да не чини многу колку што се пропагира. Една вијала која што е шест дози на вакцини чини околу 0,29 денари и мислам дека не би требало да се прави некоја политика за уништувањето на вакцини, колку што е важна навремена вакцинација на нашиот народ“, додаде министерот за здравство.
Во Скопје денеска пристигна првиот дел од италијанската донација од 250.380 вакцини на „Фајзер“, а втората пратка пристигнува в среда. Донацијата од Италија беше реализирана преку механизмот Ковакс.