Шолц: Доколку Русија ја нападне Украина цената ќе биде висока

Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека цената ќе биде многу висока доколку Русија ја нападне Украина откако САД предупредија дека руската инвазија може да се случи за неколку дена или недели. Шолц ја даде изјавата пред состанокот со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа со кој ќе разговара за тензиите меѓу Русија и Украина.

Тие „ќе разговараат за нивната заедничка посветеност и на тековната дипломатија и на заедничките напори за одвраќање на понатамошна руска агресија врз Украина“, рече портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, која најавувајќи ја средбата додаде: „Тие, исто така, ќе разговараат за важноста на континуираната блиска соработка за низа заеднички предизвици, вклучително и ставање крај на пандемијата на ковид-19, справување со заканата од климатските промени и промовирање на економскиот просперитет и меѓународната безбедност“.

Русија распореди војници во близина на границата со Украина, но вели дека не планира да изврши инвазија. Соединетите држави поминаа неколку недели обидувајќи се да постигнат договор со европските партнери за силен пакет санкции доколку Русија нападне. Американскиот Стејт департмент во минатата недела соопшти дека гасоводот Северен тек 2 меѓу Русија и Германија нема да профункционира доколку Русија ја нападне Украина.