Петнаесет климатски активисти се залепија на асфалтот на автопатите во Германија, предизвикувајќи сообраќаен метеж, во рамки на најновите протести со кои бараат закон против фрлањето храна и намалување на емисиите на стакленички гасови од земјоделството, објави Ројтерс.
Вкупно 252 демонстранти учествуваа во серијата блокади на патишта во последните две недели, од кои 69 се залепија за асфалтот со цел да го отежнат нивното отстранување, соопштија од германската група за климатски активисти „Последна генерација“.
Ројтерс објави и видео во кое се гледа како фрустрирани возачи излегуваат од своите автомобили и влечат некои од активистите надвор од патот за нивните дуксери и ранци.
Вкупно 42 активисти денеска учествуваа во блокадите на автопатите во Берлин и во југозападниот град Фрајбург, соопштија од „ Последна генерација“.
Полицијата во Фрајбург започна истрага против 11 лица, а берлинската полиција го проверуваше идентитетот на активистите и проверуваше дали може да бидат ставени во притвор.
Портпаролката на берлинската полиција рече дека не може веднаш да каже колку луѓе се приведени од почетокот на протестите. Веб-страницата на климатската група објави дека 50 луѓе се во притвор во различни германски градови до петокот.
Активистите ја критикуваат одлуката на земјата да постигне климатска неутралност до 2045 година и појаснуваат дека веќе во 2030 година ќе се надмине затоплувањето од 1,5 степени (просечен пораст на глобалните температури).
„Владата не само што го прекршува меѓународното право, туку прави злосторство против човештвото со тоа што намерно се упатува кон свет потопол за 2, 3, 4 степени со милијарди умираат од глад", велат од групата.