Прввата пратка на лекот „Паксловид“ (Paxlovid) против Ковид-19 пристигна во Србија, соопштиja од српското Министерство за здравство. Европската агенција за лекови (ЕМА) на 27 јануари го одобри апчето „Паксловид“ од американската компанија „Фајзер“ за лекување на возрасни лица кои имаат ризик од тешко заболување.
На веб-страницата на Министерството за здравство на Србија е наведено дека е направен список за дистрибуција врз основа на кој лекот ќе се дистрибуира меѓу здравствените установи.
„Паксловид е антивирусен лек кој содржи две компоненти ритонавир и нирматрелвир и е наменет за орална употреба. Индициран е за третман на инфекција со Ковид-19 кај возрасни на кои не им е потребен дополнителен кислород и кои имаат зголемен ризик од прогресија кон тешка форма на болеста. Се препорачува да се започне со земање лекови во првите пет дена по појавата на симптомите“, се вели во соопштението на Министерството.
Министерството потсети дека Србија на крајот на минатата година заедно со САД и Велика Британија склучила договор со претставниците на компанијата „Фајзер“ за купување на овој лек.
САД, Канада и Израел се меѓу земјите кои веќе ја одобрија употребата на овој лек. Италија, Германија и Белгија пак се меѓу дел од земјите членки на ЕУ кои веќе го купија лекот.
Антивирусни лекови делуваат така што ја намалуваат способноста на вирусот да се реплицира и на тој начин ја инхибираат болеста.